Ekip
12 Јули 2022•Ажурирај: 13 Јули 2022
КЕЛН (АА) - Германскиот суд за труд во Бон пресуди дека неправедно е разрешена палестинската новинарка Марам Салим, која беше отпуштена од Дојче веле (DW) поради наводно користење антисемитски изрази, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Судот за труд во Бон го прогласи за неважечко раскинувањето на договорот со новинарката Марам Салим и пресуди дека објавите на Салим на Фејсбук не се антисемитски и дека нејзиното отпуштање е незаконско.
Во својата писмена изјава Салим наведе дека долго време води кампања за правата на жените, човековите права и правата на животните и дека обвинувањата ја вознемириле.
Упатувајќи повик до Дојче веле (DW) да преземе одговорност и јавно да се извини и да ги повлече своите наводи, Салим рече: „Дојче веле повеќе не треба да се обидува да ги раскинува договорите за работа на Палестинците затоа што ги изразуваат израелските прекршувања на човековите права против Палестинците. Одлуката покажува дека кампањите на омраза против Палестинките како мене или Неми ал-Хасан повеќе не можат да бидат успешни. Уште од самиот почеток беше јасно дека јас немам никаква вина.“
Адвокатот Ахмед Абед, исто така, изјави дека судот отворено нагласил дека наводите за насилен антисемитизам против Марам се неосновани: „Дојче веле сега мора да ја заштити Марам наместо да продолжи со агитацијата.“
Дојче веле има право на жалба на одлуката во рок од еден месец. Исто така треба да ги плати и судските трошоци кои изнесуваат 36.000 евра.