Safiye Karabacak
28 Јануари 2020•Ажурирај: 29 Јануари 2020
РАМАЛА (АА) - Палестинскиот претседател Махмуд Абас го отфрли наводниот мировен план на американскиот претседател Доналд Трамп, јавува Агенција Анадолија (AA).
Абас на прес-конференција во Рамала го критикуваше планот и порача дека „Ерусалим не е на продажба“.
Палестинскиот претседател рече дека не е променет ставот во поглед на планот, кој Вашингтон го нарекува „Договор на векот“.
„Не е можно ниту еден палестински муслиман или христијанин да го прифати овој план. Илјадапати велиме „не“ за договорот на векот“, рече Абас.
Додаде дека ќе се борат со сите сили и дека „приоритетно оружје во оваа војна ќе биде мировното движење.“
Реакцијата на палестинскиот претседател доаѓа по објавувањето на наводниот мировен план за Блискиот Исток на американскиот претседател Доналд Трамп денес во Белата куќа.
Меѓу деталите од планот на Трамп е Ерусалим да остане „неделива престолнина на Израел“, предизвикувајќи тензии со неговата одлука за признавање на Ерусалим како главен град на Израел во декември 2017 година.
„Според оваа визија, Ерусалим ќе остане неделив главен град на Израел. Но, тоа не е некоја голема работа, затоа што јас веќе го сторив тоа за вас, нели?“, рече Трамп.
Тој соопшти дека во рамките на наводниот блискоисточен мировен план предвиден е рок од четири години Палестина да стане независна држава.
Трамп наведе дека блискоисточниот мировен план е „последна шанса“ за независна палестинска држава и за Палестинците.
Планот не ги исполнува ниту најосновните палестински барања за сеопфатен мир со Израел, вклучително и правото на враќање на палестинските бегалци кои избегаа или беа присилно истерани од своите домови како резултат на конфликтот, како и нивните потомци.