Qais Omar Darwesh Omar,Safiye Karabacak
24 Јуни 2020•Ажурирај: 25 Јуни 2020
РАМАЛАХ (АА) - Палестинскиот претседател, Махмуд Абас, изјави дека го отфрлаат планот за анексија на израелската Влада на нелегалните еврејски населби на окупираниот Западен Брег и во Јорданската Долина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на последната сесија од состанокот на Арапскиот парламент, со кого претседаваше претседателот Мешал бин Фем ес Силми, Абас порача: „Не прифаќаме анексија на ниту една педа палестинска земја.“
„Одлуката на палестинската администрација за раскинување на договорите со окупаторската држава не значи дека не сакаме мир. Напротив, ги шириме рацете кон мирот“, нагласи Абас, додавајќи дека во тој контекст подготвени се да организираат меѓународна конференција за одржување преговори врз основа на Арапската иницијатива за мир и меѓународните резолуции.
Абас го повика Арапскиот парламент да вложи повеќе напори и контакти за да пренесе порака до американската администрација и окупаторите дека тие ги отфрлиле сите планови за анексија на палестинска територија.
Палестинскиот претседател исто така побара од Парламентот да го постави ова прашање пред меѓународните платформи и да работи на негово решавање.
- Планот на Израел за анексија на Западниот Брег -
Планот за анексија е дел од таканаречениот „Договор на векот“ на американскиот претседател Доналд Трамп, што беше објавен на 28 јануари. Според планот, Ерусалим (Кудс) е неделива престолнина на Израел, а се признава и израелскиот суверенитет над голем дел од Западниот Брег.
Планот предвидува формирање палестинска држава во форма на архипелаг, поврзан со мостови и тунели.
Палестинските власти велат дека според планот на САД, Израел ќе анектира 30 - 40 отсто од Западниот Брег, и целиот Источен Ерусалим (Источен Кудс).
Заедничка комисија составена од американски и израелски официјални претставници го започна процесот на исцртување на картата за анексија на регионите на Западниот Брег според таканаречениот мировен план.
Според договорот за коалиција, потпишан од Нетанјаху и лидерот на Сино-белата алијанса, Бени Ганц, израелскиот премиер од 1 јули ќе може да ја даде анексијата на нелегалните еврејски населби во окупираниот Западен Брег и Јорданската Долина на одобрување во Владата или Собранието.