Rania R.a. Abushamala
14 Август 2026•Ажурирано: 14 Август 2026
Палестинци, заедно со странски и левичарски израелски активисти, денес одржаа протест во окупираниот град Кусра на Западниот Брег, пред да се упатат кон три палестински дома што веќе петти ден се под опсада од израелските окупатори, јавува Анадолу.
Демонстрантите се собраа во областа Рас ал-Аин во Кусра, јужно од Наблус, пред да се упатат кон опколените домови за да проверат како се жителите и да достават основни продукти, јави дописник на Анадолу.
Израелските сили ги спречиле активистите да влезат во домовите, тврдејќи дека областа е „затворена воена зона“.
Сепак, демонстрантите успеале да им достават храна, вода и други неопходни материјали на жителите.
Претходно израелските окупатори повторно поставиле шатор пред домовите на три палестински семејства во областа Рас ал-Аин, а опсадата трае веќе пет дена.
Очевидци за Анадолу изјавија дека окупаторите повторно поставиле шатор пред палестинските домови пред да пристигнат израелските сили и да го отстранат.
Сепак, окупаторите продолжиле да ги опколуваат домовите и да го ограничуваат движењето на жителите, велат очевидците.
Израелските сили, исто така, и натаму се распоредени околу областа, при што воени возила и војници продолжиле да влегуваат и излегуваат од Кусра.
Настаните се случија еден ден откако стотици израелски војници извршија рација во градот.
Абдул Азим Вади, претседател на градскиот совет, вчера за Анадолу изјави дека израелските сили презеле 16 палестински дома и ги претвориле во воени касарни.
Армијата, исто така, евакуирала жители од неколку домови, вклучително и семејства што веќе биле под опсада од израелските окупатори, додаде тој.
Очевидци изјавија дека израелските сили утринава се повлекле од палестинските домови што ги презеле претходниот ден.
Трите семејства во Рас ал-Аин се под опсада од десетици израелски окупатори од неделата.
Окупаторите поставиле шатор и други привремени објекти и ги блокирале патиштата што водат до домовите, истовремено спречувајќи ги доставите на храна, вода и лекови и прекинувајќи ги водоводните и електричните линии, според палестинските наводи.
Известувањата од локалните медиуми укажуваат дека израелските окупатори започнале обиди за преземање на домовите пред околу четири месеци.
Семејствата стравуваат дека опсадата има цел да ги принуди да заминат, со што окупаторите би ги презеле нивните имоти.
Нападите на израелските окупатори врз Палестинците и нивниот имот се интензивираа низ окупираниот Западен Брег откако Израел ја започна војната во Појасот Газа во октомври 2023 година, што предизвика палестински и меѓународни предупредувања поради зголеменото преземање земјиште и домови и раселувањето на жителите.