Ekipa
20 Јуни 2017•Ажурирај: 21 Јуни 2017
ПАРИЗ (АА) - Француската полиција приведе четворица членови од семејството на напаѓачот што со автомобил полн со оружје и експлозив вчера удри во полициско возило на Елисејските полиња, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од канцеларијата на парискиот главен обвинител соопштено е дека во синоќешната антитерористичка акција се приведени четири лица.
Официјални лица од полицијата тврдат дека мажот бил под полициски надзор поради поврзаност со радикализмот.
Премиерот на Франција, Едуар Филип, потврди дека напаѓачот имал дозвола за поседување на оружје, која му била издадена пред да им стане познат на властите.
Во автомобилот на напаѓачот е пронајдено оружје и експлозив.
„Имаше доволно експлозив за да го дигне возилото во воздух“, изјави францускиот министер за внатрешни работи, Жерар Колом, кој потврди дека напаѓачот е неутрализиран.
Во инцидентот во најпрометната париска улица нема повредени. Елисејските полиња повторно се отворени во текот на ноќта.
Да потсетиме, во Франција на сила е вонредна состојба поради терористичките напади.
Неколку дена пред претседателските избори беше убиен полицаец на истата авенија, а двајца беа ранети.