Ekip
17 Јануари 2017•Ажурирај: 17 Јануари 2017
КУАЛА ЛУМПУР (AA) - По 34 месеци интензивно трагање, службено е запрена потрагата по исчезнатиот авион на компанијата „Малезија ерлајнс“, јавува Anadolu Agency (AA).
Одборот сочинет од функционери од Кина, Австралија и Малезија, кои ја водеа потрагата по леталото, денеска објавија дека потрагата службено престанува. Заедничката изјава за запирање на потрагата ја потишаа малезискиот министер за транспорт Лиу Тионг Лаи, австралискиот министер за инфраструктура и транспорт, Дарен Честер, и кинескиот министер за транспорт, Ли Сјаопен.
Во изјавата се наведува дека напорите од потрагата не успеале да го лоцираат исчезнатиот авион, и покај работата со врвна современа технологија и со висококвалификувани експерти кои дале сѐ од себе.
Министрите на трите земји особено се осврнаа на семејствата на патниците што настрадаа во малезискиот авион, кои веќе три години повикуваат на продолжување на потрагата.
„И понатаму веруваме дека некои нови информации за авионот ќе излезат на виделина во иднина“, пишува во изјавата.
Авионот MH370 со 239 патници исчезна на 8. март 2014 година, на летот од Куала Лумпур кон Пекинг. По еден час од полетувањето, авионот престана да испраќа сигнали на контролата на летање и исчезна од радарот. Неколку дена по мистериозното исчезнување, малезиската Влада соопшти дека авионот е исчезнат, но дека сите патници и екипажот се мртви.
Досега најскапата потрага во историјата на цивилната авијација започна на 18. март 2014 година, на површина поголема од 4,5 милиони квадратни километри.
По потрагата со авиони и бродови, предност е дадена на подморското истражување, кое исто така не даде резултати.