Ahmet Gürhan Kartal
07 Јули 2022•Ажурирај: 07 Јули 2022
ЛОНДОН (АА) - Најмалку 54 министри и помошници во Кабинетот на британскиот премиер Борис Џонсон поднесоа оставка во последните 48 часа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Последните меѓу нив се Мишел Донелан, министерка за образование, која е именувана на таа функција пред два дена, како и британскиот министер за финансии, Надим Захави, исто така именуван во вторникот. Утринава поднесе оставка и државниот секретар на Велика Британија за Северна Ирска, Брандон Луис.
Лавината оставки во Владата на Џонсон започна во вторникот навечер кога Риши Сунак и Саид Џавид, министри за здравство и финансии, поднесоа оставки.
Вчера оставки поднесоа повеќе од 40 министри и помошници, што е рекорд за 24-часовен период.
Во последните случувања, притисокот на Џонсон повеќекратно се зголеми бидејќи многу од неговите редови и опозициски партии бараа да поднесе итна оставка.
Џонсон го преживеа неодамнешното гласање за доверба, а според партиските правила, нов обид за негова замена не може да се иницира една година.
Но, според најновите информации, Џонсон ќе поднесе оставка денес, по големиот притисок, како лидер на конзервативците, но ќе продолжи да ја извршува функцијата премиер додека партијата избере нов лидер.