Ekipa
08 Јануари 2017•Ажурирај: 09 Јануари 2017
ПЕКИНГ (АА) - Властите на Пекинг формираа нова полициска единица за зачувување на околината со цел да го сузбијат незадоволството кај граѓаните поради сè поголемото загадување во тој главен град на Кина, јавува Anadolu Agency (AA).
Градоначалникот на Пекинг, Чаи Ки, денес изјави дека новата полициска единица ќе ги казнува локалните загадувачи на воздухот, вклучувајќи ги и оние кои ќе прават скара на отворено, како и оние кои палат отпад и други биомаси.
Како што нагласи Ки, властите на Пекинг планираат до наредната година да затворат над 500 фабрики кои го загадуваат воздухот и да забранат околу 300.000 возила.
Покрај тоа, во сите основни и средни училишта ќе бидат вградени јонизатори за прочистување на воздухот. Пекинг и понатаму се смета за најзагаден град на светот.
Во првиот ден во 2017 година во кинеската престолнина како и во 25 околни градови беше на сила црвениот метеоаларм. Кинеските медиуми јавуваат дека новогодишната ноќ во Пекинг била најзагадена досега, а градот, кој инаку бил свечено украсен, во ноќта 31 декември кон 1 јануари не заживеал со новогодишната атмосфера поради густиот смог.
Во Пекинг, во кој живеат 11,5 милиони лица, поради смогот овие денови на сила е портокаловиот метеоаларм, а населението се повикува да не излегува од своите домови.
Најголемите загадувачи во Пекинг се фабриките и старите возила.