Ayşe Doğru
12 Декември 2019•Ажурирај: 13 Декември 2019
АНКАРА (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека американските Евреи, за да ги заштитат своето богатство, немаат друг избор освен да гласаат за него на претстојните претседателските избори, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Поголемиот дел се занимава со недвижнини, добро ве познавам. Вие сте луѓе од акција, но морате да гласате за мене, немате друг избор“, изјави Трамп во обраќањето на самитот на Израелско-американскиот совет одржан на Флорида.
Потсетувајќи на ветувањето на Елизабет Ворен, која е во трка за кандидат на Демократската партија на претседателските избори 2020 година, а за воведување годишен данок на богатството, Трамп на американските Евреи им порача дека не би требало да гласаат за Ворен, туку за него.
„Знам дека нема да го поддржите данокот на богатството. Некои би ви го зеле целото богатство. Можеби на некои од вас и не им се допаѓам. Можеби и мене некои од вас не ми се допаѓаат. Но, вие пак ќе бидете моја најголема поддршка, бидејќи доколку тие победат на изборите, за 15 минути би морале да ги затворите продавниците“, изјави Трамп,
Присутните неговите зборови ги поздравија со громогласен аплауз, а некои пак го извикуваа слоганот „Уште еден мандат“.
Ворен неодамна вети дека ќе воведе 2 отсто годишен данок на богатството на граѓаните чии средства надминуваат 50 милиони американски долари и 3 отсто на оние чии средства надминуваат 1 милијарда долари. Покрај тоа, ќе се воведе социјален придонес од 15 отсто на приходите над 250.000 американски долари годишно, како и дополнителни 7 отсто данок на добивка на компанијата ако таа е повеќе од 100 милиони американски долари.