Rania R.a. Abushamala
26 Декември 2024•Ажурирај: 26 Декември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Едно лице загина, а две се повредени во палестинскиот бегалски камп Рашидие во јужниот либански град Тир по експлозија на неексплодиран проектил од претходен израелски напад, пренесува Анадолу.
„Проектил што останал од војната експлодира во кампот Рашидие, при што животот го изгуби маж од семејството Ал-Касем, а повредени се неговите две деца“, објави либанската Национална новинска агенција.
Агенцијата додава дека екипи на брза помош ги пренеле во болница во Тир.
Либанските власти досега пријавија најмалку 301 израелско прекршување на договорот за прекин на огнот со Тел Авив, кој стапи на сила на 27 ноември, при кои се убиени најмалку 32 лица, а повредени се 38.
Според условите за прекинот на огнот, од Израел се бара повлекување на неговите сили јужно од Сината линија, де факто границата, во фази, а либанската армија треба да се распореди во Јужен Либан во рок од 60 дена.
Според либанските здравствени власти, од октомври 2023 година убиени се над 4.000 луѓе, повеќе од 16.500 се повредени во израелските напади во Либан, а над еден милион се раселени.