Ekipa
11 Јануари 2017•Ажурирај: 11 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Во тек се подготовките на Турција и Русија за мировните преговори во Астана, чија цел е да се постигне договор меѓу завојуваните страни во Сирија, опозицијата и режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, јавува Anadolu Agency (AA).
Турските официјални претставници соопштија дека подготовките за состанок се забрзани бидејќи се намалил интензитетот на кршењето на договорот за прекин на огнот.
Состанокот во Астана би требало да биде одржан на 23 јануари, а техничката делегација што од Русија дојде во Анкара, се врати во Москва.
Турската страна продолжува да контактира со опозицијата, но кршењето на договорот за прекин на огнот од страна на режимот го отежнува процесот. Сепак, и турската и руската страна вложуваат напори за преговорите во Астана да дадат најдобри резултати.
Турските официјални претставници истакнаа дека особено групите поддржани од Ирак го кршат договорот, што ја зголемува реакцијата на опозицијата.
Новинар на АА од опозициски извори дознава дека претставниците на политичката и на воената сириска опозиција разговараат со турските официјални лица за подготовките на преговорите.
Опозицијата ги формулира очекувањата и барањата што ќе ги изнесе на состанокот во Астана.
Сè уште не е познато дали претставниците на режимот и на опозицијата ќе преговараат директно. Доколку не дојде до преговори, се очекува да посредуваат Турција и Русија наместо ОН.
На техничките преговори би требало да присуствуваат и официјални лица од САД и од Иран.