Esra Taşkın
15 Ноември 2024•Ажурирај: 16 Ноември 2024
ПАРИЗ (АА) - Протести се одржаа во Сен Дени, предградие на Париз, главниот град на Франција, каде што е во тек е фудбалскиот натпревар од Лигата на нации на УЕФА меѓу Франција и Израел, известува Анадолу.
На демонстрациите што се одржаа на еден од градските плоштади, активистите носеа палестински знамиња и транспаренти со натписи „Стоп за геноцидот“, „Не играме со геноцидот“ и „70 % од убиените во Газа се жени и деца“.
Тие извикуваа и пароли како „Да живее борбата на палестинскиот народ“, „Отпор од Париз до Газа“ и „Слободна Палестина“. Толпата го изрази своето незадоволство кон француските власти кои дозволија да се одржи натпреварот Франција-Израел додека продолжуваат израелските напади врз Појасот Газа.
На плоштадот, каде што беа присутни и претставници на француската опозиција, беа поставени две жолти топки на кои со црвена боја е испишано „Стоп за геноцидот во Газа“.
Францускиот адвокат со палестинско потекло Салах Хамури, автор на книгата „Затвореник од Ал-Кудс“, во говорот пред демонстрациите рече дека фудбалскиот тим на геноцидната држава Израел вечерва дошол во Париз со поддршка на францускиот претседател Емануел Макрон.
Потсетувајќи дека освен Макрон, на натпреварот присуствуваат и поранешните француски претседатели Франсоа Оланд и Никола Саркози, Хамури рече:
„Присуството (на француските претседатели) на стадионот вечерва е дел од соучесништвото на Франција во тековниот геноцид во Газа“.
- Судири на трибините
На социјалните мрежи може да се видат видеа од судири на навивачи на трибините на „Стад де Франс“, каде е во тек натпреварот меѓу Франција и Израел.
Денеска беа преземени интензивни безбедносни мерки пред натпреварот за кој, како што беше претходно најавено, во Париз се распоредени 4.000 полицајци.
Околу 2.600 припадници на жандармеријата и полицајци вечерва дежураат околу и на стадионот „Стад де Франс“ во Париз, каде се игра натпреварот во рамките на Групата 2 од Лигата А на УЕФА од Лигата на нации, меѓу Франција и Израел.