Rabia İclal Turan
15 Јули 2026•Ажурирано: 15 Јули 2026
Работник со муслиманско потекло на продажен киоск во трговски центар во американската сојузна држава Јута во понеделникот е избоден со нож повеќе од 15 пати од маж што подоцна ѝ рекол на полицијата дека имал намера да го убие „поради неговата вера“, објавија локалните медиуми, повикувајќи се на изјава приложена како основа за поведување постапка, пренесува Анадолу.
„Солт Лејк трибјун“ објави дека 48-годишниот напаѓач му пришол на работникот, идентификуван само како Сохаил, во трговскиот центар „Вали Фер Мол“ во Вест Вали Сити, започнал краток разговор со него и го прашал како се вика и која е неговата вероисповед.
Додека работникот се свртел да земе шише со вода, напаѓачот почнал да го боде со нож, според медиумот, кој се повикува на имамот Шуаиб Дин, раководител на Исламскиот центар на Јута во Вест Џордан, кој е во контакт со семејството на жртвата.
Локалната телевизија КУТВ го идентификуваше осомничениот како Питер Ларсен, наведувајќи дека бил приведен во понеделникот откако полицијата интервенирала во трговскиот центар.
Пред пристигнувањето на полицијата, неколку случајни минувачи го совладале напаѓачот, го држеле на земја и му го одзеле ножот, според судските документи на кои се повикува „Солт Лејк трибјун“.
И жртвата и осомничениот биле пренесени во болница, при што осомничениот бил повреден откако бил удрен од минувачите за време на борбата, соопшти полицијата.
Во кампања на GoFundMe, организирана за работникот, се наведува дека му се потребни операции на рацете, срцето и белите дробови. Осомничениот е задржан во затворот во округот Солт Лејк, а судот одредил да остане во притвор без можност за кауција.
Советот за американско-исламски односи најголема организација за граѓански права и застапување на муслиманите во САД, го осуди нападот со нож и ги повика јавните функционери да го отфрлат антимуслиманскиот говор на омраза.
„Овој ужасен напад е уште еден потсетник дека антимуслиманската реторика има реални последици во секојдневниот живот“, изјави во соопштение извршниот директор на Советот, Нихад Авад.
„Кога муслиманите постојано се демонизираат, се прикажуваат како закана или се третираат како помалку достојни за еднакви права и достоинство, неизбежно е некои изопачени поединци да постапуваат водени од таа омраза“, додаде тој.
Советот соопшти дека во 2025 година документирал 8.683 пријави за антимуслиманска дискриминација и предрасуди, што е најголем број откако организацијата почнала да ги евидентира овие случаи во 1996 година.
Нападот како злосторство од омраза го осуди и Граѓанската муслиманска лига на Јута, која им оддаде признание на случајните минувачи што интервенирале.