Mehmet Burak Karacaoğlu,Eşref Musa,Adham Kako
10 Јануари 2020•Ажурирај: 11 Јануари 2020
ИДЛИБ
Режимот на Башар ал Асад ги продолжува своите напади врз Идлиб, и покрај тврдењето на Русија дека огнот е прекинат, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Руското Министерство за одбрана соопшти дека прекинот на огнот во сирискиот регион Идлиб започнал вчера од 14:00 часот.
Режимот на Асад, по наводниот прекин на огнот, вчера со топови, проектили, ракети и артилериски оган ги нападна селата Маар Шурин, Маршимше, Тел Менис и Бебил во регионот Маратунуман во јужниот и југоисточниот дел на Идлиб.
Денеска режимските сили извршија артилериски напади врз регионот Маратунуман и селото Тел Менис.
Селото Маар Шурин исто така беше цел на копнени и воздушни напади.
Режимот, за да може да напредува, ги нападна и линиите Тух-Дејр Шарки и Џерџеназ-Тел Менис источно од регинот Маратунуман.
- Последна состојба во деескалациската зона во Идлиб
Северозападната сириска покраина Идлиб од самиот почеток на граѓанската војна е упориште на опозицијата.
Во моментов, популацијата на Идлиб, со внатрешната миграција достигна 4 милиони луѓе. Од март 2015 година се наоѓа под контрола на опозицијата. Идлиб е место кое најмногу е напаѓано од страна на режимот.
Турција, Русија и Иран, на состанокот одржан во Астана на 4-5 мај 2017 година, Идлиб и околината ги прогласија за зона без судири. Турција и Русија, како резултат на кршењето на Договорот за прекин на огнот од страна на режимските сили, постигнаа дополнителен договор за таа област.
Режимот, со помош на поддржувачите, и покрај Договорот од Сочи постигнат на 17 септември 2018 година, продолжува со нападите. Нападите се интензивираа за време на 12. состанок меѓу Турција, Русија и Иран, одржан на 25-26 април во Нурсултан, главниот град на Казахстан. Последните две недели продолжуваат со ист интензитет.
Од потпишувањето на Договорот меѓу Русија и Турција на 17 септември 2018 година, до овој момент, од нападите на режимот и Русија во деескалациската зона во Идлиб животот го загубија повеќе од 1.600 цивили.
Бројот на мигранти што избегаа од местата на кои се спроведуваат интензивни напади кон релативно побезбедни места во близина на границата со Турција се зголеми на 1 милион и 300 илјади.