Muhammet Kurşun
15 Јули 2020•Ажурирај: 15 Јули 2020
ТЕХЕРАН
Иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека актуелната власт на САД не може да биде никакво мерило, бидејќи прави чекори кои се на штета на Американците и на целата меѓународна заедница, јавува Агенција Анадолија (АА).
Иран со групата П5+1, односно постојаните членки на Советот за безбедност на ОН плус Германија, пред пет години потпиша Договор за иранската нуклеарна програма, а со одлука на американскиот претседател Доналд Трамп, САД се повлекоа од тој договор.
Рохани по повод петтата годишнина од потпишувањето на Договорот за иранската нуклеарна програма изјави дека тој документ не ги штити само интересите на Иран, туку и на целата меѓународна заедница.
„Меѓународното право и целиот свет ќе бидат оштетени доколку потписничките на Договорот за нуклеарната програма не бидат внимателни и не продолжат да дејствуваат под влијание на САД“, порача Рохани.
Тој изјави дека имплементацијата на тој договор е своевиден тест и додаде дека Иран во наредните недели очекува укинување на ембаргото на увозот на оружјето.
„Актуелната власт во САД не може да биде никакво мерило. Американците овие денови ги напуштаат меѓународните организации за вода, животна средина, здравство и УНЕСКО. Сите пријатели на САД и значаен дел од народот во таа земја прифаќаат дека тоа се чекори на штета и на САД и на целата меѓународна заедница“, порача Рохани.