Berk Kutay Gökmen
22 Јули 2026•Ажурирано: 22 Јули 2026
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, денес изјави дека Вашингтон „би сакал да постигне дипломатско решение“ со Иран, предупредувајќи дека претседателот Доналд Трамп има „многу достапни опции“ доколку Техеран не соработува, јавува Анадолу.
„Мислам дека сите овде разбираат дека САД би сакале да постигнат дипломатско решение. Би сакале да постигнеме договор доколку е можно со Иран, со кој ќе се осигури дека тие никогаш нема да имаат нуклеарно оружје и, секако, ќе помогне да се спречат“, изјави Рубио за новинарите на Филипините.
Рубио рече дека САД би сакале договор во кој иранската страна „ќе изјави дека повеќе нема да го финансира тероризмот и нема да се стреми кон нуклеарно оружје или работите што се потребни за нуклеарно оружје“.
Тој истакна дека Трамп „секогаш преферира да преговара и да постигне договор за овие прашања, и ние сме подготвени на тоа. Се обидуваме веќе година и пол да го направиме тоа, но нема мирно да набљудуваме како се разнесуваат бродови или се напаѓаат Американци“.
„Претседателот има на располагање многу опции доколку тие продолжат да одбиваат соработка. Нема да зборувам во негово име за ниту една од нив, но верувам дека Иран е свесен оти и ние имаме многу избори.“
Тој повтори дека САД нема да ги прифатат нападите на Иран врз „глобалниот бродски сообраќај и меѓународните водни патишта“, додавајќи: „Има и други земји кои треба да го чувствуваат тоа исто толку силно како нас бидејќи тие всушност се повеќе погодени од тоа отколку ние“.