Sibel Uğurlu,Emin Avundukluoğlu
18 Октомври 2016•Ажурирај: 18 Октомври 2016
МОСКВА (АА) - Челникот на оперативниот оддел на рускиот Генералштаб, Сергеј Рудској, вчера соопшти дека руските воздушни сили и силите на сирискиот режим на 20 октомври, во период од осум часа ќе ги запрат нападите врз Алепо, со цел да им се помогне на цивилите во тој сириски град, јавува Anadolu Agency (AA).
Рудској на прес-конференција во Москва соопшти дека осумчасовниот прекин на нападите во Алепо ќе трае од 8:00 до 16:00 часот по локално време и дека во тој период ќе бидат отворени шест коридори за евакуација на цивилите од Алепо и за испорака на хуманитарна помош во тој град.
Рудској најавата за прекин на огнот ја нарече „хуманитарна пауза“, и исто така, рече дека ќе бидат отворени и два коридора кон Идлиб и два коридора за повлекување на вооружените групи од Алепо.
„Подготвени сме за барањето на хуманитарните организации за прекин на нападите со цел доставување помош во лекови и евакуација на повредени и болни лица“, истакна Рудској.
Претходно во текот на денот, Советот за надворешни работи на Европската Унија ги осуди жестоките напади, кои врз цивилите во Алепо ги изведуваат руските и сириските сили.