Selen Temizer,Muhammed Shekh Yusuf,Aliia Raimbekova
31 Октомври 2017•Ажурирај: 31 Октомври 2017
АСТАНА (АА) - Александар Лаврентиев, специјалниот пратеник на рускиот претседател Владимир Путин за Сирија, изјави дека сириската опозиција, доколку не учествува на состанокот кој ќе биде одржан во Сочи, би можела да остане надвор од политичкиот процес, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ќе се соочат со голем ризик и ќе останат надвор од политичкиот процес“, изјави Лаврентиев на прес конференцијата, одржана на крајот на седмиот круг на преговори за Сирија во Астана.
Тој потсети дека во наредниот период во рускиот град Сочи ќе биде одржан Конгрес на национален дијалог на Сиријците на кој ќе се разговара за националното единство и транзиција на власта во Сирија.
„Мислиме дека во тој контекст е многу важно да започнеме со уставни реформи“, рече Лаврентиев, додавајќи дека за тоа прашање е веќе разговарано и со специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура.
„Мистура исто така кажа дека е потребно да се фокусираме на темите како што се уставните реформи и изборите“, вели Лаврентиев.
На крајот порача дека и покрај разликите по одредени прашања и понатаму сакаат да продолжат да работат со сириската опозиција за време на мировните преговори.
Потсетуваме, Јасер Абдурахим, еден од портпаролите на сириската опозиција, по седмиот круг на мировни преговори за Сирија го критикуваше рускиот предлог на „Конгресот на национален дијалог на Сиријците“, нагласувајќи дека во овој момент е многу побитно да се спречат злосторствата на Асад во Источна Гута.
Седмиот круг на преговори за Сирија е завршен без значаен договор. Учесниците на мировните преговори не успеаја да постигнат договор околу размена на заробениците и отворање на коридорот за доставување на хуманитарна помош на цивилите.
На дводневниот круг од преговорите во Астана, одржани на иницијатива на Турција, Русија и Иран, учествуваа делегациите на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, вооружените бунтовнички групи, како и делегации на ОН, САД и на Јордан.
Главна тема на седмиот круг од преговорите беше ослободување на заробените од сириските затвори.