Seyit Şamil Kurt
27 Јули 2026•Ажурирано: 27 Јули 2026
Најмалку две лица загинаа, а пет се повредени, меѓу кои и двегодишно дете, во пукањето што се случи во неделата во Сиетл центар во американската сојузна држава Вашингтон, објави локалната радиодифузна мрежа КОМО њуз, пренесува Анадолу.
Градоначалничката на Сиетл, Кејти Вилсон, во соопштението изјави дека еден осомничен е приведен.
Еден сведок, кој присуствувал на фестивалот „Бајт оф Сиетл“, за КОМО њуз изјави дека слушнал „седум или осум истрели“ во близина на фонтаната на центарот.
Според известувањата, службите за итна помош ги потврдиле двете жртви и ги идентификувале повредените: три жени на возраст од 39, 40 и 56 години, 23-годишен маж и двегодишно момче.
Педесет и шестгодишната жена е пренесена во медицинскиот центар „Харборвју“ во критична состојба, а 39-годишната жена, 23-годишниот маж и детето се хоспитализирани во стабилна состојба, објави КОМО њуз.
Четириесетгодишна жена се здобила со полесни повреди и одбила превоз до болница.
Од медицинската установа „УВ Медицин“ подоцна за весникот „Дејли“ изјавија дека сите пациенти што ги третирале имале прострелни рани. Кај возрасната жена е направена операција и понатаму е во критична состојба, а детето, 23-годишниот маж и 39-годишната жена биле во стабилна состојба.
Полициската управа на Сиетл на американската платформа за социјални медиуми Х објави дека офицерите истражуваат пукање во кое има „повеќе жртви“ и ја повика јавноста да ја избегнува областа.
Властите веднаш не објавија информации за двете загинати лица ниту, пак, дадоа повеќе детали за осомничениот.
Видеоснимките што кружат на социјалните мрежи прикажуваат како полицијата извлекува лице од областа, но официјалните лица сè уште не потврдија дали станува збор за приведениот осомничен.
Сиетл центарот се наоѓа во близина на кулата за набљудување „Спејс Нидл“, изградена за Светската изложба во 1962 година. За време на викендот овој центар бил домаќин на годишниот фестивал „Бајт оф Сиетл“, кој опфаќа стотици локални продавачи на храна и музички настапи во живо.
Истрагата е во тек.