Mohammad Sio
22 Јули 2026•Ажурирано: 22 Јули 2026
Американските сили рано утрово извеле напади врз три локации во југозападната иранска покраина Бушер, вклучително и област каде што се наоѓа клучен нуклеарен објект, објавија иранските државни медиуми, пренесува Анадолу.
Ехсан Џаханијан, заменик-гувернер на Бушер за политички и безбедносни прашања, изјави дека по нападите биле пријавени експлозии во окрузите Бушер и Дашти, според државната новинска агенција ИРНА.
Џаханијан рече дека еден од нападите бил насочен кон областа околу Хормоџ, главниот град на округот Дашти, а дека во ракетниот напад нема жртви.
САД рано утрово започнаа нов бран воздушни напади низ Иран, при што беше активирана противвоздушната одбрана околу Техеран, а беа пријавени напади во повеќе делови од земјата. Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ) синоќа соопшти дека ова е единаесетта последователна ноќ на напади врз Иран.
САД ги интензивираа нападите врз Иран од минатата недела, а Техеран одговори со напади насочени кон објекти и бази за кои вели дека ги користи американската војска во неколку земји низ регионот.
Размената на оган продолжи и покрај меморандумот за разбирање потпишан со посредство на Пакистан од страна на САД и Иран во јуни, со цел да се стави крај на војната што започна во февруари и да се отвори пат за траен мировен договор.