Ivana Ramadanova
30 Јули 2016•Ажурирај: 31 Јули 2016
СКОПЈЕ (АА) - Интернационалната организација за миграции (ИОМ) денеска го одбележува 30 јули, Светскиот ден за борба против трговијата со луѓе, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта поради која се одбележува овој ден е да се сврти вниманието кон страдањата на огромниот број жртви на трговијата на луѓе кои се соочуваат со сексуална експлоатација, принудна работа, ропство, трговија со органи.
„Повеќе од 70.000 луѓе во последниве две децении добиле поддршка од нашите тимови во светот. Активностите што се спроведени во соработка со владините институции, невладиниот сектор и со меѓународните организации се засновани на три принципи: почитување на човековите права, физичка, ментална и социјална благосостојба на човекот и неговата заедница, и одржливост преку зајакнување на институционалните капацитети на владините институции и на граѓанското општество. Поддршката е наменета за спречување на трговијата со луѓе и заштита на жртвите од трговија, а истовремено им нуди опции за безбедна и одржлива реинтеграција или враќање во своите земји, онаму каде што тоа е возможно“, се вели во соопштението на ИОМ.
Според податоците на ИОМ, од вкупно 7.000 жртви во 2015 година, 85 отсто биле жртви на меѓународна трговија со луѓе. Од преживеаните жртви на трговија со луѓе, 74 отсто биле тргувани со цел принудна работа, а 17 отсто со цел сексуална експлоатација.
Околу 13 отсто од вкупниот број на поддржаните жртви на трговија со луѓе се деца чија просечна возраст е 11 години. Податоците, исто така, покажуваат дека преживеаните жртви поддржани од страна на ИОМ се претежно жени, кои не само што се соочуваат со сексуална злоупотреба, туку, исто така, биле жртви на принуден брак, како и лица кои се соочуваат со сериозни економски тешкотии.
Светскиот ден е назначен во 2013 година, по усвојувањето на Резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации за борба против трговијата со луѓе.
Интернационалната организација за миграции (ИОМ) во глобалната борба против трговија со луѓе се приклучи во поширок контекст на управувањето на миграцијата од 1994 година, со јасна визија за справување со овој тип на криминал, бидејќи речиси секоја држава во светот е под влијание на оваа зла практика, или како земја на потекло, транзит, или земја-дестинација на жртвите.