АНКАРА (AA)
– Фуат КАБАКЏИ
Иако во последните 50 години има значително намалување на бројот на нуклеарни боеви глави низ светот, се очекува зголемување на бројот на нуклеарни боеви глави што ги поседуваат земјите во следните 10 години.
Според информациите што новинарот на АА ги доби од Стокхолмскиот мировен истражувачки институт (SIPRI) и други извори, со цел да се спречи зголемената трка во нуклеарно вооружување откако САД во Втората светска војна ја употреби првата нуклеарна бомба против Јапонија, на 1 јули 1968 година бил потпишан Договорот за неширење нуклеарно оружје (NPT), кој стапи во сила во 1970 година.
Додека Договорот се заснова на три основни принципи: неширење на нуклеарното оружје, употреба на нуклеарната енергија за цивилни цели и нуклеарно разоружување, познато е дека 9 земји сѐ уште имаат нуклеарни боеви глави.
Од вкупно 12.705 нуклеарни боеви глави, САД и Русија поседуваат приближно 90 проценти. Заклучно со јануари 2022 година, Русија има 5.997, САД 5.428, Кина 350, Франција 290, Англија 225, Пакистан 165, Индија 156, Израел 90 и Северна Кореја, 20 нуклеарни боеви глави.
По првото појавување на нуклеарното оружје во 1945 година, бројот на нуклеарни боеви глави во најголем дел се во сопственост на САД и Русија. Во 1952 година таа бројка изнесува 1.055 нуклеарни боеви глави, 22.144 во 1960 година, 38.899 во 1970 година, 55.352 во 1980 година, а својот врв го достигнува во 1986 година, кога овие две земји поседувале 70.354 нуклеарни боеви глави.
По распадот на Советскиот Сојуз, бројката на нуклеарни боеви глави се намалува на приближно 52.463 во 1992 година, 34.004 во 2000 година, 21.234 во 2010 година и 13.160 во 2020 година.
– Се очекува зголемување на нуклеарното оружје
Во извештајот „Годишник 2022“ на Стокхолмскиот мировен истражувачки институт во врска со земјите кои поседуваат нуклеарно оружје, се предупредува дека бројот на нуклеарни боеви глави на глобално ниво може повторно да се зголеми како во периодот на Студената војна, освен ако земјите со нуклеарно вооружување што е можно поскоро не преземат конкретни активности за разоружување.
Според овој извештај, намалувањето на нуклеарните боеви глави на САД и Русија во однос на 2021 година и претходните години се должи на отстранувањето на застарените боеви глави во рамките на студиите за модернизација.
Се смета дека Кина, која не е транспарентна по прашањето за нуклеарното оружје, се наоѓа на важен праг во однос на зголемувањето на капацитетот за нуклеарно оружје. Сателитските снимки од земјата покажуваат присуство на 300 нови ракетни силоси во изградба.

Велика Британија во 2021 година објави дека донела одлука да го зголеми капацитетот на нуклеарни боеви глави и најави зголемување на капацитетот на нуклеарните боеви глави на 260. Освен тоа, Велика Британија соопшти дека нема пред јавноста да ги објави бројките поврзани со оперативниот капацитет на нуклеарните боеви глави во земјата, распоредените боеви глави и проектили.
Од друга страна, Северна Кореја, актуелната воена нуклеарна програма ја направи централен елемент на својата национална безбедносна стратегија. Иако земјата има околу 20 боеви глави, се претпоставува дека има доволно материјал за производство на 40 - 45 боеви глави.
Франција објави дека на почетокот на 2021 година започнала програма за развој на подморница од третата генерација на нуклеарно гориво со балистички проектили.
Исто така, и Индија и Пакистан минатата година најавија дека ќе развијат ракети способни да носат нуклеарни боеви глави.
– Нуклеарни тестови што ги спроведуваат земјите
Додека денес во светот има речиси 13.000 нуклеарни боеви глави, најголем дел од овие боеви глави поседуваат САД и Русија. Соединетите Американски Држави за првпат користеа нуклеарно оружје за време на Втората светска војна, фрлајќи атомски бомби врз јапонските градови Хирошима и Нагасаки во 1945 година.
Нуклеарната бомба која предизвика смрт на илјадници луѓе поради нејзината високоразорна моќ, долготрајните штетни ефекти и обезбедувањето воена и психолошка супериорност, стана оружје кое во раните фази на Студената војна, голем број земји сакаа да го поседуваат за да се стекнат со воена моќ и статус.
Советскиот Сојуз, својот прв тест на нуклеарна бомба го изврши во регионот Семипалатинск во Казахстан во 1949 година, со што стана втора земја по САД која разви нуклеарно оружје.
Велика Британија својот прв нуклеарен тест го изврши во 1952 година на островите Монтебело во близина на западниот брег на Австралија.
По Велика Британија следуваше Франција, која својот прв тест го изврши во пустината Сахара, Северна Африка, во 1960 година, за подоцна нуклеарните тестови да ги префрли во Јужниот Пацифик.
Кина, од друга страна, својот прв нуклеарен тест го изведе во 1964 година на полигонот Лоп Нур во пустината Гоби, Автономниот Регион Ујгурски Синѓанг.
Индија, која одби да го потпише Договорот за неширење нуклеарно оружје, во 1974 година спроведе подземно тестирање во регионот Покран во пустината Раџастан. По Индија следуваше Пакистан кој својот прв нуклеарен тест го изврши во 1998 година.
По повлекувањето од Договорот за неширење нуклеарно оружје, Северна Кореја започна со нуклеарни тестови во 2006 година.
Од друга страна, откако ја усвои политиката на приватност за поседувањето нуклеарни боеви глави, податоците за нуклеарното оружје на Израел се засновани врз проценки. Се смета дека првата нуклеарна проба оваа земја ја извршила во 1960-тите.