Ömer Faruk Yıldız
03 Јануари 2022•Ажурирај: 04 Јануари 2022
ЖЕНЕВА
Во Европскиот извештај за исламофобијата за 2020 година вклучени се обидите за легализирање на антиисламизмот во многу земји на континентот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во Европскиот извештај за исламофобијата за 2020 подготвен од страна на доц. д-р Енес Бајракли, професор на Турско-германскиот универзитет, и професорот Фарид Хафез од Универзитетот „Џорџтаун“, се истакнуваат антиисламските настани и дискурси во земјите од регионот во текот на 2020 година.
Извештајот подготвен со придонес на 37 академици од различни земји го испитува текот на исламофобијата во 31 земја, главно во Европа.
Исто така, во извештајот собрани се практиките на некои влади во Европа кои ги дискриминираат муслиманите, како и обидите на екстремно-десничарските политичари да го легализираат антиисламизмот.
- Во Австрија е формиран центар за „набљудување“ на муслиманските организации
Во овој контекст, австриската Влада формираше „центар за документација“ во јули 2020 година за „набљудување“ на муслиманските организации во земјата.
Центарот за документација на политичкиот ислам основан под водство на коалициската влада на Централно-десничарската Австриска народна партија (ÖVP) и Партијата на зелените, сподели дигитална мапа наречена „İslam-Landkarte“ со информации за над 600 џамии и образовни центри што им припаѓаат на муслиманите, нивните погледи на светот, нивните водачи и нивните адреси.
Различни сегменти од општеството кои реагираа на проект на екипата предводена од проф. д-р Еднан Аслан, предавач на Универзитетот во Виена, сметаат дека дигиталната мапа ги прикажува муслиманите како потенцијални криминалци, дека таа наликува на еден вид досие на набљудување и дека владата, која е преплавена од истраги за корупција, повторно се обидува, манипулирајќи со општеството, излезот од кризата да го најде преку муслиманите.
- Во Германија, судијка со потекло од Турција е суспендирана од должноста поради носење шамија за време на судење
Во Белгија, Уставниот суд во јуни 2020 година пресуди дека е легално да се забранат политичките и верските симболи, особено шамијата, во високообразовните институции, под името „непристрасност“.
Специјалниот суд во Бугарија го обвини муслиманскиот борач Мохамед Абдулкадир „за ангажирање во терористички активности“ со образложение дека тој објавил свои фотографии во воена униформа во Сирија во 2016 година.
Во Данска, екстремно-десничарската Данска народна партија поднесе предлог-закон до Парламентот за забрана на муслиманските шамии во сите јавни згради. Предлог-законот беше отфрлен на парламентарно гласање.
Во Франција, партијата на претседателот Емануел Макрон поднесе предлог-закон до Националното собрание со кој на девојчињата помлади од 18 години ќе им се забрани да носат шамии на јавни места.
Во Германија, судијка со потекло од Турција беше суспендирана од функцијата поради носењето шамија за време на судење.
- Во Шведска е забранета изградбата на верски училишта
Во Италија, Апелациониот суд во Милано, со својата одлука во октомври 2020 година одобри објавување визуелни предупредувања во здравствените згради за забрана на жените да носат бурка.
Герт Вилдерс, лидерот на екстремно-десничарската Партија на слободата во Холандија, направи неколку законски обиди минатата година да ги забрани шамијата и колењето курбан за време на Курбан бајрам.
Во изјава за националниот медиум во Шведска, министерката за образование Ана Екстрем соопшти дека „Владата одлучила да ја забрани изградбата на нови верски училишта“ како резултат на дискусиите за основање муслимански училишта во земјата.
Жан-Лук Адор, член на Долниот дом на Националниот совет на Швајцарија, ја бранеше идејата дека шамијата и другите исламски симболи не можат да се толерираат во јавните згради и му предложи на Советот да поднесе предлог-закон за забрана на шамијата.