Islam Uddin
10 Октомври 2023•Ажурирај: 11 Октомври 2023
АНКАРА (АА) - Северна Кореја денес го обвини Израел за ескалација на конфликтот со палестинската група Хамас за кој рече дека е последица од „постојаните криминални дејства на Израел“ против народот на Палестина.
„Се случи голем вооружен конфликт меѓу палестински Хамас и Израел“, објави сеулски Јонхап њуз, цитирајќи го Родонг Синмун, весник на владејачката партија во Северна Кореја.
„Меѓународната заедница го нарекува конфликтот последица на постојаните криминални дејства на Израел против народот на Палестина. Фундаментално решение е независна палестинска држава“, се додава во написот на Родонг Синмун.
Претходно весникот, исто така, ги критикуваше израелските војници за акциите против Палестинците.
Групата на отпорот Хамас со седиште во Газа рано во саботата ја започна операцијата „Поплава Ал Акса“ против Израел, истрелувајќи низа ракети. Се наведува дека ненадејниот напад бил одговор на упадите во џамијата „Ал Акса“ во окупираниот Источен Кудс (Ерусалим) и зголеменото насилство од еврејскитедоселеници кон Палестинците.
Како одговор на тоа, израелската армија ја започна операцијата „Железни мечеви“ против Хамас во Појасот Газа.
Бројот на Палестинци загинати во нападите на израелските сили во Газа се искачи на 704, од кои 143 деца и 105 жени, соопшти рано утринава Министерството за здравство со седиште во Газа. Се наведува дека бројот на ранети се искачил на околу 4.000.
Министерството за внатрешни работи во Газа соопшти дека израелската армија ја „засилила својата агресија“ врз Газа со стотици напади.
Според израелското Министерство за здравство, во борбите загинале најмалку 900 Израелци, а над 2.600 се ранети.