Ekipa
02 Август 2019•Ажурирај: 03 Август 2019
СЕУЛ (АА) - Северна Кореја денес лансираше уште два проектила од краток дострел на отворени води, пренесува Anadolu Agency (AA).
Началникот на Заедничкиот штаб од јужнокорејската Војска истакна дека ракетите биле истрелани во 02:59 и во 3:23 часот по локално време.
Проектилите биле лансирани од истата источна област од каде што беа лансирани и последните тестирања, во средата и четвртокот. Пјонгјанг претходно тврдеше дека во средата станувало збор за ракетно-лансирен систем, а не за проектили.
Државните медиуми на Северна Кореја претходно истакнаа дека неодамнешните лансирања се предупредување за Јужна Кореја во пресрет на планираните заеднички воени вежби овој месец со Соединетите Американски Држави (САД).
Додека САД го минимизираа значењето на проектилите со краток домет на Пјонгјанг, на Северна Кореја ѝ е забрането да врши тестирања на балистички проектили согласно резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН).
Велика Британија, Франција и Германија објавија соопштение во кое ги осудуваат неодамнешните лансирања на Северна Кореја, по состанокот на ОН зад затворени врати во четвртокот.
Но, веднаш по последната провокација на Северна Кореја, американскиот претседател Доналд Трамп повтори пред новинарите дека дијалогот за денуклеаризација со Пјонгјанг може да продолжи според она што е договорено со неговиот колега, Ким Џонг Ун, „затоа што ова се проектили со краток дострел“.
И покрај тоа, нема конкретен план за понатамошни разговори, иако се очекуваше да започне дијалог на работно ниво, по изненадната средба на Трамп и Ким во демилитаризираната зона меѓу двете Кореи на крајот од јуни.