Associated Press
09 Септември 2018•Ажурирај: 10 Септември 2018
ПЈОНГЈАНГ (АА) - По повод јубилејната 70. годишнина, режимот на Северна Кореја денес одржа традиционална голема воена парада во центарот на Пјонгјанг, но без интерконтинентални балистички ракети (ICBM), кои се главна причина на изолација на оваа земја, пренесува Anadolu Agency (AA).
Илјадници војници дефилираа на Плоштадот „Ким Ил Сонг“, во придружба на тенкови и други единици, но властите на Северна Кореја, денес, наместо интерконтинентални балистички проектили, во парадата вклучија дефиле со балони и цвеќе.
Силниот акцент на економијата е уште еден показател дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун или одбрал нова државна стратегија на развој.
Десетици илјади Севернокорејци мавтаа со букети од пластично цвеќе. По повеќемесечните вежби, учесниците на парадата успеаја со цветни мотиви да испратат низа патриотски пораки снимени од воздух.
Ким Џонг Ун утринава присуствуваше на парадата во придружба на челниците на кинескиот Парламент, но не се обрати на нацијата.
Денешната парада е одржана во сенка на обидот за релаксација на односите на Корејскиот Полуостров. Јунскиот Самит на Ким Џонг Ун и Доналд Трамп во Сингапур даде позитивни пораки за денуклеаризација на тоа подрачје, но сѐ уште се чека на конкретните потези на севернокорејскиот режим во тој правец.
Кратко по парадата, Ким Џонг Ун би требало повторно да се состане со јужнокорејскиот претседаел Мун Џае Ин и да разговара за нормализација на односите во регионот.