Riyaz ul Khaliq
04 Јули 2019•Ажурирај: 05 Јули 2019
АНКАРА (АА) - Австралискиот премиер Скот Морисон изјави дека австралискиот граѓанин кој бил притворен во Северна Кореја, e ослободен, пренесува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи во Парламентот, Морисон истакна дека Алек Сигли ја напуштил комунистичката држава, соопшти Австралискиот јавен емитер (ABC).
Сигли (29), кој живеел во Северна Кореја, минатата недела од страна на неговите пријатели беше пријавен дека е исчезнат. Тој студираше магистерски студии по корејска книжевност на Универзитетот „Ким Ил-Сунг“ во Пјонгјанг од 2018 година.
„Сигли е ослободен“, изјави Морисон за австралиските пратеници, без да даде детали.
Тој, сепак, додаде дека ослободувањето на Сигли било обезбедено преку дискретната работа на шведските официјални претставници.
Австралија во Пјонгјанг нема ангажирано ниту еден дипломат и какви било слични активности се извршуваат преку Амбасадата на Шведска.
„Алек е добар и е на безбедно“, изјави австралискиот премиер.
„Известени сме дека Демократска Народна Република Кореја го ослободила од притвор и дека тој безбедно ја напуштил земјата. Можам да потврдам дека тој пристигнал безбедно“, додаде тој.
„Ослободувањето на Сигли беше обезбедено откако вчера шведските дипломати, во име на Австралија, се состанаа со официјалните претставници на Северна Кореја, за да дискутираат за исчезнувањето на Сигли“, изјави австралиската министерка за надворешни работи, Марис Пејн.