Ayşe Doğru
25 Август 2019•Ажурирај: 26 Август 2019
СЕУЛ (АА) - Властите на Северна Кореја соопштија дека го тестирале првиот „суперголем“ повеќецевен фрлач на ракети, пренесува Anadolu Agency (AA).
Севернокорејската новинска агенција (KCNA) јавува дека на тестирањето на повеќеракетниот фрлач вчера присуствувал и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.
Истиот извор јавува дека Ким Џонг Ун по тестирањата изјавил дека се работи за „навистина големо оружје“.
Тој, исто така, рекол дека Северна Кореја треба забрзано да го продолжи развојот на стратешкото и тактичко вооружување, за да биде подготвена да одговори на современите предизвици и непријателски притисоци.
Претходно, властите на Јужна Кореја соопштија дека Северна Кореја вчера лансирала две ракети со краток дострел и дека тоа било седмо тестирање на севернокорејското оружје во изминатите неколку недели.
Проектилите прелетаа по 380 километри и паднаа во Јапонското Море, а максимално достигнатата висина на летот изнесуваше 97 километри.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, претходно изјави дека тестирањето на ракетите со краток дострел не е спорно, а дека Ким Џонг Ун во искрени разговори му признал дека тоа му е голема страст.