Halit Süleyman,Ayşe Aktaş
25 Јануари 2017•Ажурирај: 26 Јануари 2017
ДАМАСК (AA) – Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад продолжија да го кршат примирјето што во Сирија е договорено на 30. декември минатата година, а во денешниот воздушен напад на сириската војска во местото Арбин кај Дамаск се ранети најмалку петмина цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставникот на локалната Цивилна заштита во областа Источна Гута контролирана од силите на сириската опозиција, Сирак Махмуд за АА изјави дека авионите на Асадовиот режим денес ги бомбардирале населбите и чаршијата во местото Арбин.
Во нападите се ранети најмалку пет лица и е предизвикана голема материјална штета на објектите и возилата.
„Режимот и понатаму го нарушува примирјето во Источна Гута. Денес се извршени пет воздушни напади во Арбин, а меѓу ранетите е и едно девојче. Ранетите се во животна опасност. Цивилната заштита ги евакуира цивилите од погодените квартови“, истакна Махмуд.
Тој додаде дека режимските воздушни сили денес ги гаѓале и населените места во Харест и Дума, но во тие напади нема човечки жртви.
Примирјето во Сирија е договорено на 30. декември минатата година, со посредништво на Турција и Русија.
Во изминатите два дена во Астана беше одржан меѓународен состанок за Сирија на кој делегациите на Турција, Русија и Иран договорија воспоставување на трилатерален механизам за набљудување на почитувањето на примирјето во Сирија.