Halit Süleyman
15 Март 2017•Ажурирај: 15 Март 2017
ИДЛИБ (AA) – Најмалку 11 цивили се убиени, а 13 се ранети во нападот на силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад во северозападната сириска провинција Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
Паралелно со подготовните состаноци за нова рунда на преговорите за Сирија кои се одржуваат во казахстанскиот град Астана, со нападите на цивилните мети силите на Асад продолжуваат да го кршат договореното примирје.
Претставник на локалната Цивилна заштита во Идлиб, Јахја Арџе за АА рече дека Асадовите воздушни сили утрово извеле напад на населено место во регионот Мусур, а во нападот е користена и разорна вакум бомба.
„Во нападот загинаа најмалку 11, а ранети се 13 цивили. Спасувачките екипи се обидуваат да дојдат до три семејства кои останаа заглавени под урнатините на зградата која била мета на нападот. Меѓу ранетите има повеќе животно загрозени лица", рече Арџе.
Во Астана вчера започнаа подготвителни состаноци за нова рунда на преговори за Сирија, а денеска е организирана трилатерална средба на делегациите на Турција, Русија и Иан, а токму тие земји се гаранти на примирјето кои во Сирија е договорено последниот ден од минатата година. На состаноците утре ќе се придружи и воената делегација на сириската опозиција.