Ekip
04 Април 2022•Ажурирај: 05 Април 2022
ИДЛИБ (АА) - Најмалку три деца се убиени во нов напад во Идлиб од страна на силите лојални на режимот на Башар ал Асад и сојузничките проирански терористички групи кои продолжуваат да го прекршуваат прекинот на огнот во зоната на деескалација во северозападна Сирија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Локалната Цивилна заштита соопшти дека режимските сили и проиранските милитанти лојални на нив го гранатирале селото Маарат Баасан во провинцијата Идлиб.
Истиот извор јавува дека во нападот загинале најмалку три деца.
Локалните извори јавуваат дека руски борбени авиони денеска извршиле и четири напади во јужните делови на Идлиб.
Идлиб е најголема енклава под контрола на сириската опозиција, што е под опсада на силите верни на режимот на Башар ал Асад и неговите сојузници.
Со посредство на Турција, Русија и Иран, за време на преговорите во мај 2017 година во Астана, Идлиб беше прогласен за една од четирите зони на деескалација. Силите лојални на режимот на Асад го прекршија договорот и зазедоа три зони, а во Сочи на 17 септември 2018 година е постигнат дополнителен договор за примирје во Идлиб и формирање зона на деескалација.
Во рамките на договорот, опозициските сили го повлекоа тешкото вооружување од регионот, а силите лојални на режимот на Асад не ги запреа артилериските и воздушните напади во регионот.
Турција и Русија во март 2020 година договорија протокол со кој се повикуваат сите страни во Идлиб да го прекинат огнот, а турските и руските сили, во својство на гаранти на примирјето, заеднички спроведуваат контролни патроли по должината на линиите на раздвојување.
Поради нападите на силите на режимот од Идлиб, во колективните центри во близина на турската граница во изминатите четири години избегаа близу два милиона Сиријци.