Ekipa
25 Мај 2017•Ажурирај: 26 Мај 2017
ХОМС (АА) - Сирискиот режим ја испушта водата од браната во регионот Растан, кој се наоѓа во северниот рурален регион на Хомс и е под контрола на опозицијата, со што ги става во тешка положба земјоделците и рибарите, јавува Anadolu Agency (AA).
Вештачкото езеро Растан е изградено на реката Аси (Оронт) во периодот на Обединетата Арапска Република во 1958 година, од страна на Египет и Сирија, и од денот на изградбата се користи за наводнување на земјоделските површини и за рибарство, но сега речиси пресушува поради тоа што режимот ги отвора пропусните прегради на браната.
Со тоа што земјоделците не можат да ги наводнуваат своите ниви, се продлабочува трагедијата во регионот Растан, кој над четири години е под блокада.
Со испуштањето на водата од браната се појави и старата фабрика, која за време на француската окупација била користена за производство на енергија, а по градењето на браната, во 1958 година била потопена во вода.
Локалните жители истакнуваат дека со отворањето на пропусните прегради на браната за да се намали нивото на водата, режимот дополнително ја заострува блокадата којашто трае веќе четири години.
Михрн Таха, земјоделец, за АА истакна дека со отворањето на пропусните прегради на браната од страна на режимот, висината на водата достигна до најниското ниво, и поради тоа, како што рече тој, земјоделците не можат да ги наводнуваат своите ниви, и залудно се губи рибното богатство на езерото.
Таха нагласи дека оваа состојба остава сериозни негативни последици на земјоделството и на рибарството.
„Со ова што го прави, режимот не ја казнува вооружената опозиција. Тука најмногу се погодени цивилите. Најмногу се погодени рибарите“, истакна рибарот Ебу Мухаммед.
Тој вели дека испуштањето на водата од браната ги зголемува проблемите на луѓето кои поради блокадата на режимот живеат во тешки услови.
Од друга страна, Али Изедин, кој живее во Растан, истакна дека слушнале за фабриката изградена во 1958 година од страна на Египет и Сирија, но ја немале видено сѐ додека се повлекла водата од браната.