Ekip
24 Октомври 2017•Ажурирај: 24 Октомври 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 397 цивили починаа од глад во Источна Гута, предградието на Дамаск, кое е под опсада на режимот уште од 2012 година, се вели од СНХР, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Сириската мрежа за човекови права (SNHR), издадено денес, се вели дека меѓу починатите има 206 деца и 67 жени.
Главното опозициско упориште на периферијата на Дамаск, Источна Гута, е под опсада на режимот од декември 2012 година. Поради блокадата, 400.000 жители од подрачјето се борат со неухранетост и со нефункционални здравствени установи.
Минатата недела, две сириски бебиња починаа поради неухранетост, поради кризата со храна којашто е резултат на блокадата од страна на режимот.
Во февруари, силите на режимот започнаа воена операција во источен Дамаск и ги затворија подземните тунели што се користеа за шверц на прехранбени производи за цивилите во Источна Гута.
„Ова предизвика недостиг на прехранбени производи во областа“, додаде тој.
СНХР е невладина независна организација основана во 2011 година, која е примарен извор за Обединетите нации за сите статистички податоци поврзани со смртните случаи во Сирија, според официјалната веб-страница.
Сирија е заробена во жестока војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал-Асад презеде мерки со неочекувана свирепост против продемократските протести.
Според статистиката на ОН, од почетокот на војната загинаа над 250.000 луѓе, а над 10 милиони се раселени низ целата земја.