Ahmet Karaahmet
20 Октомври 2021•Ажурирај: 20 Октомври 2021
ИДЛИБ (АА) - Според првичните јавувања, 10 цивили го загубија животот, а 35 се повредени во нападот извршен од режимот на Башар ал Асад на пазар во јужен Идлиб, во подрачјето на Ериха, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Режимските сили, составени од војската на режимот на Асад и странските терористички групи поддржани од Иран, со артилериски оган го нападнаа пазарот во центарот на Ериха.
Според информациите на АА добиени од болнички извори во подрачјето, во бомбардирањата, според првичните извештаи, 10 цивили го загубиле животот, а 35 цивили се повредени.
Се стравува од пораст на бројот на загинати и повредени.
Се забележува дека нападот е извршен за време на 6. рунда состаноци на сирискиот Уставен комитет во Обединетите нации (ОН) во Женева.
- Последната ситуација во зоната на деескалација во Идлиб -
На состанокот во Астана од 4-5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран се договорија за формирање четири зони на деескалација во Идлиб и соседните покраини (Латакија, Хама и Алепо), но режимот и странските терористички групи поддржани од Иран, со воздушна поддршка на Русија ја зазедоа контролата врз три од овие деескалациски зони, со исклучок на Идлиб.
Русија и Турција постигнаа дополнителен договор во Сочи на 17 септември 2018 година.
По краткотрајниот прекин на огнот, во мај 2019 година силите на режимот започнаа копнени операции за освојување на целата територија. Во тие операции на режимот и неговите поддржувачи, освоени се значителни територии во околината на Идлиб, подрачја северно и источно од Хама, како и рурални области што се наоѓаат јужно и западно од Алепо.
Иако силите на режимот повремено го прекршуваат примирјето, тоа во голема мерка се одржува.
Во периодот од 2017 до 2020 година приближно 2 милиони луѓе беа принудени да мигрираат кон границата со Турција поради нападите на силите на режимот и на Русија.