Ahmet Karaahmet
17 Ноември 2023•Ажурирај: 17 Ноември 2023
АНКАРА (АА) - Се тврди дека Израел извршил воздушен напад врз неколку воени точки во сирискиот главен град Дамаск, пренесува Анадолу.
Во веста на сириската новинска агенција САНА, врз основа на изјава на воен извор, се тврди дека во 02:25 часот по локално време некои точки во околината на Дамаск воздушно биле таргетирани од страна на израелските сили.
„Нашите воздушни одбранбени системи соборија дел од ракетите на непријателот што беа лансирани од Голанската Висорамнина. Како резултат на нападот е предизвикана штета“, се наведува во оваа вест.
Израелските власти не излегоа со соопштение во врска со овој напад.
Во Дамаск и во неговите рурални подрачја, покрај сириската војска и терористичките групи поддржани од Иран, стационирани се и елементите на либанскиот Хезболах.
Од 2011 година кога започна граѓанската војна во Сирија, Израел одвреме-навреме изведува напади врз воените позиции на сириската војска и на групите поддржани од Иран.