Ömer Koparan
06 Јануари 2020•Ажурирај: 07 Јануари 2020
ХАСЕКА (АА) - Терористичката организација ЈПГ/ПКК ослободи стотици терористи на ДЕАШ и нивните семејства, кои беа затворени во кампот „Хол“ во североисточна Сирија, јавува Агенција Анадолија (AA).
Според веродостојни локални извори на АА, терористичката организација ЈПГ/ПКК ослободила 400 лица, терористи на ДЕАШ и нивните семејства, кои беа затворени во кампот „Хол“ во сириската покраина Хасека, откако арапските племиња во регионот станале гаранти.
АА стигна до списокот со имиња ослободени од кампот.
ЈПГ/ПКК, по започнувањето на турската операција „Извор на мирот“, ослободи стотици припадници на ДЕАШ и нивни семејства или дозволи да избегаат.
Терористичката организација на тој начин се обиде да ги уцени Соединетите Американски Држави (САД) и западните земји за да ја стопираат операцијата на Турција.
Турското Министерство за одбрана, во соопштението од 17 ноември истакна дека терористичката организација ЈПГ/ПКК ослободила најмалку 800 припадници на ДЕАШ од затворот во Тел Абјад.
Познато е дека организацијата во последните два месеци ослободи над 1.000 припадници на ДЕАШ и нивните семејства.
- Кампот „Хол“ -
ЈПГ/ПКК во кампот „Хол“, кој го формираше во април 2017 година, покрај цивилите кои избегале од судирите со терористичката организација ДЕАШ во Деир ез-Зор, ги држи и некои припадници на ДЕАШ кои се предале, како и нивните семејства.
Цивилите задржани во овој камп, од страна на терористичката организација се држат во нечовечки услови, како нечистотија, храна со поминат рок и слично.
Обединетите нации (ОН), како и невладините организации, често упатуваат предупредување дека хуманитарната состојба во кампот „Хол“ постојано се влошува, барајќи пристап до центрите каде што се задржани милитантите на ДЕАШ.
Според ОН, кампот „Хол“ има капацитет од 10.000 лица, но таму се засолнети над 70.000 лица, од кои голем процент се деца и жени.
Во кампот „Хол“ се наоѓаат неколку илјади странски терористички борци од околу 50 земји, како и голем број терористи со потекло од Сирија и Ирак.