Nuri Aydın
22 Јуни 2021•Ажурирај: 23 Јуни 2021
АНКАРА (АА) - Тројца новинари, приведени под образложение дека објавиле видеоснимка на која се глека како хинду екстремисти претепуваат постар муслиман во градот Газијабад, недалеку од главниот град Њу Делхи, може да бидат осудени на казна затвор до 9 години, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението објавено на веб-страницата на организацијата „Репортери без граници“ (РБГ), се наведува дека новинарите Рана Ејуб, Саба Накви и Мухамед Зубеир, поради објавувањето на споменатото видео, се обвинети за дејствување со намера да го поттикнат народот на бунт, да поттикнат конфликт меѓу религиозните групи, организирање заговор, навреда на религиозните убедувања и дејствување со цел да сторат кривично дело.
Во соопштението се наведува дека според наведените обвинувања, новинарите можат да се соочат со затворска казна до 9 години.
Даниел Бастард, шеф на Канцеларијата на РБГ за регионот Азија-Пацифик, тврди дека обвинувањата на полицијата во Утар Прадеш се неаргументирани и многу отворено претставуваат „судско вознемирување“.
Бастард го повика Јоги Адитијанат, премиерот на индиската држава Утар Прадеш, да нареди да се повлечат обвиненијата против споменатите новинари, со цел да ја добие доверба.
Меѓу вкупно 180 земји Индија е рангирана на 142. место според Светскиот индекс за слобода на печатот на РСФ за 2021 година.
Абдул Самет (75), жител на Газијабад, се пожалил на полицијата дека бил киднапиран и претепан од хинду-екстремисти додека одел во џамија на 5 јуни.
Во својата жалба, Самет навел дека бил принуден да извикува разни слогани што им припаѓаат на хиндуизмот и хиндуистичките националисти, како што се „Јаи Шри Рам“ (Бог да го благослови Рам) и „Ванде Матарам“ (Ѝ се поклонувам на татковината).
Изјавувајќи дека напаѓачите му ја исекле брадата и му се заканувале со нож, Самет рекол: „Ме обвинија дека сум пакистански шпион.“
- Реакција на социјалните мрежи -
Снимката на која хинду екстремистите го тепаат киднапираниот старец предизвика реакции на социјалните мрежи.
На видеото може да се види како со дебел стап го тепаат старецот, го удираат по лицето и му ја сечат брадата со ножици.
Голем број лица на социјалните мрежи реагираа на инцидентот, меѓу кои има и новинари, писатели и политичари.