Ekipa
01 Февруари 2021•Ажурирај: 02 Февруари 2021
МОГАДИШУ (АА) - Садик Али, портпаролот на сомалиската полиција, изјави дека 10 лица загинаа во бомбашкиот напад што вчера беше извршен во хотелот „Африк“, лоциран на една од најфреквентните улици во главниот град Могадишу, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот Али за медиумите изјави дека во бомбашкиот напад животот го загубиле 10 лица, дека има голем број повредени, и дека 4 терористи се неутрализирани во вооружената пресметка меѓу обезбедувањето на хотелот и терористите до кој дошло по бомбашкиот напад.
Зборувајќи дека терористичката организација Ал Шабаб е поразена во руралните предели, портпаролот Али истакна: „Ал Шабаб се навикна да убива цивили, а ние ќе ги штитиме цивилите и по цена на животот“.
Меѓу загинатите во нападот е и поранешниот генерал, сомалискиот сенатор Мухамед Нур Галал.
Претседателот на Сомалија, Мухамед Абдула Фермаку, на својот профил на социјалната мрежа Твитер објави: „Посакувам Божја милост за сите наши граѓани кои ги загубија животите во овој застрашувачки напад на хотелот „Африк“ од страна на терористичката организација Ал Шабаб“.
Терористичката организација Ал Шабаб ја презеде одговорноста за нападот.
Ал Шабаб често организира напади врз безбедносните сили и цивилните населби во Сомалија.