Seyit Şamil Kurt
18 Мај 2026•Ажурирај: 18 Мај 2026
Специјалната известувачка на Обединетите нации (ОН) за окупираните палестински територии, Франческа Албанезе, денес упати итен апел до медитеранските земји, со цел да ја заштитат хуманитарната флотила што се движи кон Газа, откако активистите пријавија присуство на неидентификувани пловни објекти во близина на нивниот конвој во меѓународни води, пренесува Анадолу.
„Тргнете ги рацете од флотилата“, напиша Албанезе на американската платформа за социјални медиуми Х, повикувајќи ги медитеранските држави да ги „заштитат цивилните бродови што се обидуваат да ја пробијат геноцидната опсада на Израел на Газа“.
Таа, исто така, ги повика владите да ја „пробијат опсадата“, да стават крај на „соучесништвото во апартхејдот“ и да „овозможат спроведување на правдата“.
Албанезе ги изнесе овие ставови пренесувајќи ја пораката на Глобалната флотила Сумуд, во која се наведува: „Во близина на нашата флотила се забележани неидентификувани пловни објекти.“
Во своето известување објавено вчеравечер, флотилата наведе дека неидентификувани воени бродови, брзи чамци и беспилотни летала биле забележани во близина на конвојот во меѓународните води на Медитеранот, додека хуманитарната мисија го продолжувала својот пат кон Газа.
Овој развој на настаните следува откако флотилата објави дека пристигнала во меѓународните води на Средоземното Море.
Пролетната мисија 2026 на Глобалната флотила „Сумуд“, чија цел е пробивање на израелската блокада на Појасот Газа и испорака на неопходна хуманитарна помош, беше пресретната од израелската војска во близина на брегот на Крит, во периодот меѓу 29 и 30 април.
Хуманитарната флотила беше нападната на 30 април во близина на Крит, на околу 600 наутички милји пред крајната дестинација.
Првите бродови од флотилата, кои носеа хуманитарна помош, тргнаа од Барселона на 12 април, а главната група бродови исплови од италијанскиот остров Сицилија на 26 април, со цел да се пробие повеќегодишната израелска блокада.
Израел воведе строга блокада на Појасот Газа од 2007 година, доведувајќи 2,4 милиони жители на оваа територија на раб на глад.
Израелската армија започна брутална двегодишна офанзива врз Газа во октомври 2023 година, во која се убиени над 72.000 Палестинци, а повредени се повеќе од 172.000 предизвикувајќи огромни уништувања низ окупираната територија.