АНКАРА (АА) – Терористичката организација ЈПГ/ПКК продолжува со напорите да формира држава источно од реката Еуфрат, за каде претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, најави дека ќе изврши воена операција. Менувајќи ја демографската структура на областа што е под нејзина контрола, терористичката организација ги презеде најбогатите енергетски извори во земјата, земјоделските површини и водните ресурси. Истовремено, со илјадниците вооружени луѓе го зголемува нивото на закана во подрачјето, јавува Anadolu Agency (AA).
„Изјавивме и изјавуваме дека со цел да го спасиме источниот дел од реката Еуфрат од терористичката организација, во рок од неколку дена започнуваме воена операција“, рече вчера претседателот Ердоган.
ЈПГ/ПКК, источно од реката Еуфрат под своја окупација држи сириска територија во должина од 480 километри, долж границата со Турција.
Од турската страна на границата се наоѓаат градовите Шанлиурфа, Мардин и Ширнак.
Не земајќи го предвид делот западно од реката Еуфрат, просторот меѓу источниот дел на реката и границата со Ирак кон југ е со површина од над 45.000 километри квадратни.
Според мерењето на површината на географските карти изведено од страна на новинарите на АА, оваа област опфаќа една третина од вкупната територија на Сирија.
Од октомври 2014 година, ЈПГ/ПКК се прошири на источниот дел од реката Еуфрат, благодарение на интензивната воздушна поддршка и помошта во оружје од страна на САД, во борбата на коалициските сили против ДЕАШ.
- Терористите ја сменија демографијата
Источно од реката Еуфрат најголемите области за живеење се Ајн ел Араб (Кобани) во градот Алепо, Тел Абјад и Табка во градот Рака и Камишли, Амуде и Раслајн во Хасеке и северниот дел на Деир ез-Зор.
Во овие области околу 70 отсто од населението го сочинуваат Арапи.
Терористичката организација со присила ја промени структурата на населението, планирајќи полесно да ги контролира окупираните територии во процесот на формирање држава.
Терористите, бркајќи ги цивилите од своите огништа, главно Арапите, потоа Асирците, Курдите и Туркменците, особено по судирите со ДЕАШ во Рака и Деир ез-Зор, не им дозволуваат на цивилите да се вратат во своите домови.
Според податоците на Врховниот совет на сириските кланови и племиња, ЈПГ/ПКК, досега со присила протерала 1.700.000 лица.
- Eнергетските ресурси на Сирија се во рацете на организацијата
ЈПГ/ПКК, во име на борбата против ДЕАШ поддржана од САД, ги презеде најбогатите извори на енергија во Сирија.
Терористите на ЈПГ/ПКК на 23 септември 2017 година го запленија најголемиот објект за природен гас „Коноко“, североисточно од градот Деир ез-Зор. Еден месец подоцна го запленија нафтеното поле Кафра. Терористичката организација на 22 октомври 2017 година го окупира Ал Омар, најголемото нафтено поле во Сирија.
- Најплодното земјиште е во рацете на организацијата
Според пресметката на АА, според географските карти, терористичката организација контролира 30.000 километри квадратни од земјоделското земјиште на Сирија, што претставува 60 отсто од вкупното обработливо земјиште.
Ова земјиште, пред војната во Сирија било познато како најпродуктивно земјиште за обработка.
Доколку ЈПГ/ПКК со поддршка на САД успее да формира држава која ќе може да застане на сопствени нозе, тогаш друга голема предност би била нејзината доминација врз ресурсите за наводнување на земјоделските површини.
- Најголемите водни ресурси и производство на електрична енергија во рацете на терористите
Терористичката организација, со помош на воздушната поддршка на САД, напредуваше источно од реката Еуфрат и во периодот од декември 2015 до јуни 2017 година ги презеде трите најголеми брани во Сирија.
Тоа се браната „Тишрин“ во Алепо и браните „Табка“ и „Баас“, западно од Рака на реката Еуфрат, кои го обезбедуваат најголемиот дел од потребите за струја и наводнување во земјата. Овие три брани обезбедуваат околу 70 отсто од потребите за електрична енергија на Сирија.
- ДЕАШ заврши, но проектот ПКК продолжува
САД, до денес, во име на борбата против ДЕАШ, на ЈПГ/ПКК ѝ дадоа краткорочна тактичка поддршка.
Но откако ДЕАШ е притисната на една мала површина на границата со Ирак и во голема мерка е во фаза на докрајчување, САД почнаа да го спроведуваат планот за формирање Армија ЈПГ/ПКК.
Генералштабот на САД објави дека во областа окупирана од ЈПГ/ПКК, обучени се 20 проценти од силите што ги сочинуваат од 35 до 40 илјади луѓе.
Претходно американското Министерство за одбрана соопшти дека од ЈПГ/ПКК ќе формира граничари.
Американската администрација сподели информација дека планира преку набљудувачки точки што ќе бидат воспоставени источно од реката Еуфрат да ја заштити ЈПГ/ПКК од „малтретирањето“ на Турција.
Турските безбедносни извори за АА изјавија дека САД, со изградба на набљудувачките точки, започнале да ја спасуваат терористичката организација од Турција. Според истите извори, САД на среден рок, трансформирајќи ја терористичката организација во редовна армија, под името „локални безбедносни сили“ сака ЈПГ/ПКК постојано да биде присутна во областа.