Oktaj Omeragikj
16 Ноември 2025•Ажурирај: 17 Ноември 2025
СКОПЈЕ (АА) - Најмалку 20 лица се повредени за време на протестот во Мексико Сити организиран во саботата, откако избувнаа судири меѓу полицијата и демонстрантите што излегоа на повикот на групата што се идентификува како „Генерација З“, известува Анадолу.
Националните медиуми објавија дека илјадници лица се собрале кај „Ангелот на независноста“ и марширале кон Националната палата.
Полицијата интервенирала со солзавец и противпожарни апарати додека демонстрантите удирале по бариерите со камења и чекани. Голем број демонстранти биле приведени за време на судирите.
Студенти, земјоделци, претставници на опозицијата и граѓани се придружија на протестот, критикувајќи ги годините насилство и несигурност поврзани со организираниот криминал.
Демонстрантите протестираа и против убиството на Карлос Манцо, градоначалникот на Уруапан, кој беше застрелан за време на Фестивалот на светлината на 1 ноември 2025 година.
Учесниците на протестот истакнаа дека безбедносните проблеми продолжуваат и покрај промените во владата и повикаа жртвите на насилство да не бидат заборавени.
Претседателката Клаудија Шајнбаум рече дека протестите на ‘Генерацијата З’ биле политички обоени под влијание на опозициските групи и тврдеше дека демонстрациите биле манипулирани.