Yusuf Hatip
20 Јануари 2016•Ажурирај: 21 Јануари 2016
ИСЛАМАБАД (АА) - Талибанското движење презеде одговорност за оружениот напад врз кампусот на Универзитетот „Бача Кан” во северозападниот дел на Пакистан, во кој се убиени најмалку 25 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Водачот на милитантната група "Gidar", огранок на пакистанското талибанско движење, Омер Мансур, со посредство на социјалните мрежи потврди дека таа група го извела утринскиот напад во градот Чарсада, во пакистанската покраина Хајбер Пакхунква.
Пакистанската војска соопшти дека во операцијата на безбедносните сили досега се убиени шест напаѓачи, и дека операцијата сè уште трае.
Неименувани локални извори јавуваат дека групата напаѓачи на возраст од 18 до 25 години, во цивилни одела и со маски на лицата го прескокнале ѕидот и отвориле оган на студентите и професорите од универзитетот.
Полициски официјални лица соопштија дека во нападот загинале најмалку 25, а ранети се над 60 лица. Очевидци тврдат дека билансот на загинати е поголем.
Унивезитетот „Бача Кан” ќе биде затворен најмалку десет дена, соопштија од управата на универзитетот.
Пакистанскиот премиер Наваз Шариф остро го осуди нападот. Тој престојува во службена посета на Швајцарија, од каде порача дека пакистанските власти се одлучни уште посилно да му се спротивстават на тероризмот.
„Oние кои убиваат невини студенти и луѓе не познаваат никаква вера, ниту правила. Решителни сме својот народ да го браниме од злото на тероризмот”, порача Шариф.
Пакистан пред 14 месеци беше средиште на сличен брутален вооружен напад во военото училиште во Пешавар, во кое беа убиени 132 деца.
Пакистанските безбедносни сили во изминатите години ги интензивираа антитерористичките операции и убија и уапсија стотици терористи. Укинат е мораториумот за извршените смртни казни, па десетици терористи поврзани со нападите се казнети со бесење.