Mohamad Misto,Ethem Emre Özcan
03 Јули 2020•Ажурирај: 04 Јули 2020
ХАСЕКА / АНКАРА (AA) - МУХАМЕД МИСТО / ЕТХЕМ ЕМРЕ ОЗЏАН -
Терористичката организација ЈПГ/ПКК минатиот месец киднапира и присилно регрутира најмалку 4 девојчиња на возраст од 11 до 17 години во различни места кои ги држи под окупација во Сирија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите добиени од локалните извори, терористите на ЈПГ/ПКК минатиот месец киднапираа најмалку 4 девојчиња во подрачјата на Амуда, Камишли и Румејлан, кои се наоѓаат во Хасека во североисточниот дел на Сирија, како и во подрачјето на Шејх Максуд во центарот на Алепо.
Новинарите на АА дојдоа до личните податоци на овие девојчиња кои се на возраст од 11 до 17 години, додека нивните семејства не можат да добијат информации во врска со своите киднапирани деца.
Изворите нагласија дека овие деца се киднапирани и присилно регрутирани од страна на терористичката организација ЈПГ/ПКК и дека се пренесени во камповите на планината Кандил.
Дел од овие семејства во Сирија, чии деца се киднапирани и регрутирани од страна на ЈПГ/ПКК, од страв не можат да кажуваат дека нивните деца се киднапирани.
- ЈПГ/ПКК децата ги употребува како борци
Во Извештајот за шверцување луѓе во 2020 година, објавен на 26 јуни од страна на Министерството за надворешни работи на САД, се наведува дека терористичката организација ЈПГ/ПКК присилно ги тера децата да војуваат.
„ЈПГ продолжи со искористување и присилно регрутирање, дури и на девојчиња и момчиња на 12-годишна возраст од бегалските кампови во северозападниот дел на Сирија“, се истакнува во извештајот.
Советот за човекови права при Обединетите нации (ОН) во извештајот објавен на 16 јануари сподели нови наоди во врска со тоа дека терористите на ЈПГ/ПКК децата во Сирија ги употребува како борци.
Од друга страна, Вирџинија Гамба, специјалната претставничка на генералниот секретар на ОН, заради ситуацијата со децата во оружените конфликти, на 29 јуни 2019 година во Канцеларијата на ОН во Женева се состана со Ферхат Абди Шахин, еден од челниците на терористичката организација ЈПГ/ПКК со кодно име „Мазлум Абди“. На оваа средба беше одржана официјална церемонија во која беше потпишан акционен план со цел оваа терористичка организација да ги ослободи децата борци.
Но по ова, ОН или други меѓународни организации не објавија некој извештај околу тоа дека е ставен крај на оваа состојба.