Hakan Çopur
27 Август 2018•Ажурирај: 28 Август 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп ја спречи администрацијата на Белата куќа во објавувањето официјално соопштение по повод смртта на републиканскиот сенатор Џон Меккејн, пренесува Anadolu Agency (AA).
Повикувајќи се на изјавите на неименувани официјални лица на Белата куќа, американските медиуми јавуваат дека портпаролката Сара Сандерс и шефот на Кабинетот на Трамп, Џон Кели, по повод вчерашната смрт на сенаторот Меккејн напишале официјално соопштение на Белата куќа, во кое за починатиот Меккејн говорат во суперлатив и го ословуваат како американски херој.
Истите извори јавуваат дека американскиот претседател Трамп не одобрил објавување на тој текст.
Меккејн своевремено беше еден од најгласните критичари на политиката на Трамп во републиканските кругови, а Трамп по повод неговата смрт упати само порака со сочувство до семејството Меккејн преку Твитер.
Трамп пред три години јавно го оспори епитетот на Меккејн „херој од Виетнамската војна“.
„Тој не е воен херој. Важеше за херој бидејќи беше заробен, а јас ги сакам оние што не биле заробени“, порача Трамп во изјавата во 2015 година.
Од друга страна, од Канцеларијата на починатиот сенатор Меккејн е соопштено дека неговиот погреб ќе се одржи на 2 септември, на гробиштата на Поморската академија во Мејленд.
Претходно во Аризона и Вашингтон ќе бидат одржани комеморации.