Diyar Güldoğan
25 Март 2025•Ажурирај: 25 Март 2025
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера потпиша извршна наредба со која се воведуваат царини за земјите што увезуваат нафта од Венецуела, јавува Анадолу.
Според наредбата, од 2 април може да се воведе царина од 25 отсто на сите стоки увезени во САД од која било земја што увезува венецуелска нафта, било директно од Венецуела или индиректно преку трети страни.
Во документот се наведува дека дејствијата и политиките на „режимот на Николас Мадуро во Венецуела продолжуваат да претставуваат невообичаена и вонредна закана“ за националната безбедност и надворешната политика на САД.
Претходно вчера, Трамп најави дека ќе воведе „секундарна“ царина за Венецуела поради обвинувањата дека Каракас тајно испратил десетици илјади членови на банди во САД.
Државниот секретар Марко Рубио истакна дека САД нема да толерираат какви било трети земји или нивни нафтени компании што произведуваат, извлекуваат или извезуваат нафта и производи поврзани со нафтата во соработка со „режимот на Мадуро“ во Венецуела.
„Ова е режим кој постојано краде избори, ги ограбува своите граѓани и соработува со нашите непријатели. Секоја земја што ќе дозволи нејзините компании да произведуваат, извлекуваат или извезуваат од Венецуела ќе биде предмет на нови царини, а секоја компанија ќе се соочи со санкции“, изјави тој на социјалната мрежа Х.