Gözde Bayar
25 Ноември 2019•Ажурирај: 25 Ноември 2019
АФРИН (АА) - По турските воени операции за расчистување на областите во северна Сирија од терористите, универзитет во турскиот пограничен регион ќе понуди образование во ослободените области, јавува Агенција Анадолија (АА).
Универзитетот „Газиантеп“, кој се наоѓа во истоимената југоисточна турска област, има воспоставено претставништва во сириските области Ал Баб, Азаз, Африн и Џарабулус за да им овозможат на сириските студенти да продолжат со нивното високо образование.
„Одржувањето на високото образование е еден од најважните сигнали за нормализирање на секојдневниот живот по војната“, изјави за АА Халил Ибрахим Илги, истражувач на Факултетот за образование во Африн.
„Студентите кои се примени на Факултетот, го положија испитот за странски студенти во Турција. Вкупно 3.000 студенти аплицираа за испитот“, изјави Илги.
Тој нагласи дека 120 студенти студираат на Факултетот во Африн.
„Имаме три програми кои вклучуваат училишна настава, психолошко советување и насоки и турски јазик. Имаме 40 студенти во секоја програма“, додаде тој.
Раман Џафер, поранешен студент на Универзитетот во Алепо, му се заблагодари на Универзитетот во Газиантеп за поддршката на студентите во Африн.
„Голем број студенти во Африн го чекаа ова, за да не ја загубат својата иднина“, додаде Џафер.
Гада Шами, друг студент на Универзитетот во Африн, рече дека не можел да го заврши своето образование на Универзитетот во Дамаск, бидејќи бил принуден да мигрира.
„Отворањето на Универзитетот од Газиантеп е одлична можност. Во моментов студирам на наставна насока“, рече Шами, додавајќи дека не може да најде друг универзитет во Сирија, кој им нуди на студентите меѓународно призната диплома.
Турските сили на 9 октомври ја започнаа операцијата „Извор на мирот“ за елиминирање на терористите на ЈПГ/ПКК во северна Сирија, источно од реката Еуфрат, со цел обезбедување на турската граница и формирање безбедносна зона за доброволно враќање на сириските бегалци во тоа подрачје.
Турција и Русија на 22 октомври во Сочи постигнаа договор за привремено прекинување на турската операција, со цел повлекување на терористите на ЈПГ/ПКК од пограничниот појас на Сирија. Договорено е турските и руските сили заеднички да патролираат во тоа подрачје, а првата ваква копнена патрола беше реализирана на 1 ноември на подрачјето помеѓу Рас ал Ајн и Камишли.