Betül Yürük
17 Јуни 2020•Ажурирај: 18 Јуни 2020
ЊУЈОРК (АА) – Волкан Бозкир, поранешниот министер за ЕУ на Турција и главен преговарач, избран е за претседател на 75. Генерално собрание на Обединетите нации (ОН), јавува Агенција Анадолија (АА).
На изборите што се одржаа на Генералното собрание на ОН, претставниците на земјите членки, поради епидемијата на Ковид-19, во временската рамка одредена за нив, еден по еден влегуваа во салата и гласаа. Гласањето започна во 09:00 часот по локално време, а заврши во 13:00 часот.
Во Генералното собрание на ОН, каде што членуваат 193 земји, гласаа 192 земји. Венецуела го изгуби своето право на глас и не можеше да гласа затоа што не беше во можност да го плати финансискиот придонес кон ОН, што треба да го платат земјите членки.
Бозкир, кој беше номиниран како единствен кандидат за претседател на Генералното собрание на ОН, доби поддршка од 178 земји, со што беше назначен за претседател на 75. Генералното собрание на ОН.
Три гласови беа неважечки, а 11 земји беа воздржани.
Бозкир е првото име од Турција избрано за претседател на Генералното собрание на ОН.
Бозкир, функцијата од Тиџани Мухамед Банде, претседателот на 74. Генерално собрание на ОН, ќе ја преземе на 15 септември и ќе биде на должност до септември 2021 година.
Претседателот на Генералното собрание на ОН раководи со седниците и го регулира функционирањето на Одборот. Генералното собрание го утврдува и контролира буџетот на ОН секоја година.
На Генералното собрание на ОН се носат одлуки кои го рефлектираат општото мислење на меѓународната заедница.
Светските лидери секоја година во средината на септември се собираат на состаноците на Генералното собрание на ОН во Њујорк, барајќи дипломатски решенија за глобалните проблеми и ги објаснуваат политиките на нивните земји.
- Кој е Волкан Бозкир?
Волкан Бозкир е роден на 22 ноември 1950 година во Анкара.
Бозкир дипломирал на Правниот факултет на Универзитетот во Анкара. Како дипломат работел во Министерството за надворешни работи, заменик-генерален конзулат во Штутгарт, првиот секретар на амбасадата во Багдад, потсекретар во постојаното претседателство на Организација за економска соработка и развој (OECD), генерален конзул во Њујорк, амбасадор во Букурешт и постојан претставник на Турција во Европската Унија (ЕУ).
Волкан Бозкир исто така работел како советник за надворешни работи во Кабинетот на Владата, генерален секретар во Кабинетот на претседателот, советник во Министерство за надворешни работи, заменик-потсекретар за прашања на ЕУ во Министерството за надворешни работи. Исто така е сопственик на медал на заслуги на Романија и Италија.
Бозкир исто така трипати е избран за пратеник во Големото народно собрание на Турција од редовите на АК Партијата од градот Истанбул.
Меѓу другото, Бозкир беше претседател на Комисијата за надворешни работи и министер за Европска Унија и главен преговарач во 62-та Влада на Турција. Во 64-та Влада повторно беше назначен за министер за ЕУ и главен преговарач.
Бозкир многу добро го владее англискиот и францускиот јазик.