Mehmet Yılmaz
13 Ноември 2021•Ажурирај: 14 Ноември 2021
БУДИМПЕШТА (АА) - Турските вооружени дронови или беспилотни летала се тестирани од унгарската Армија, објави унгарскиот весник „Маџар Немзет“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во веста се вели дека вооружениот дрон „КАРАЈЕЛ-СУ“, развиен од турската одбранбена компанија „Вестел“ е фотографиран на копно и во воздух во воздухопловната база на унгарските вооружени сили „Папа“.
Според веста „Турски беспилотни летала прикажани во Папа“ од Давид Ласло, Гаспар Марот, унгарски претставник од одбраната, во мај изјавил дека Унгарија има стратегија за беспилотни летала од 2018 година и дека разгледала многу турски компании за нивна набавка.
Посочувајќи дека унгарските безбедносни сили можно е да ги претпочитаат дроновите „КАРАЈЕЛ-СУ“, во веста се вели дека беспилотните летала имаат 20-часовна издржливост како додаток на нивните целосно автономни карактеристики за полетување, слетување и летање.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, претходно истакна дека Турција се искачи меѓу првите три места во светот во технологијата на борбени дронови и дека сите дронови произведени од турските одбранбени компании се многу барани низ светот.
Се вели дека турските беспилотни летала го имаат сменето исходот на бојното поле во конфликтите со висок интензитет како во Сирија, Либија и Карабах.