Cankut Taşdan
25 Јуни 2020•Ажурирај: 26 Јуни 2020
АНКАРА
Министерството за одбрана на Турција соопшти дека турските сили погодиле и онеспособиле камион на терористичката организација ПКК/ЈПГ натоварен со бомби кој требало да биде активиран во зоната на операцијата „Извор на мирот“ во Сирија, на подрачјето каде што се населени цивилите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на турското Министерство за одбрана се вели дека ПКК/ЈПГ во северна Сирија продолжува со спроведување на непристојни и нехумани планови насочени против невини цивили, така што со терористички напади, слични на оние што ги извршува ДЕАШ, ги нарушува мирот и безбедноста на жителите и ги принудува луѓето од регионите на миграции.
Понатаму додава дека турските сили кои дејствуваат во областа, како гарант на мирот и безбедноста, спречиле многу напади и предавнички планови на терористичката организација.
„Во последниот случај откриен е камион за кој е утврдено дека нелегално поминал на северниот дел на магистралата М-4 во регионот каде што се спроведува операцијата „Извор на мирот“. Камионот, натоварен со бомби, со голема брзина се движел кон подрачјето населено со цивили. Турските сили испукаа истрели за да застане камионот. И покрај тоа, возилото не запрело и се обидело да дојде до подрачјето на кое се наоѓаат цивили. Турските сили потоа, за да го заштитат цивилното население, со противоклопно оружје го погодиле и онеспособиле камионот“, се наведува во соопштението.
Набрзо откако е погодено возилото, експлодирала бомба за која се смета дека е активирана со далечински управувач.
Во соопштението се наведува дека турските сили со успешна и навремена интервенција спречиле уште еден крвав напад на терористите врз невини цивили, со што е спречена голема катастрофа.
Од 2016 година Турција спроведе четири успешни прекугранични антитерористички операции во северна Сирија за да спречи формирање на терористички коридор: операцијата „Штитот на Еуфрат“ (2016), „Маслинова гранка“ (2018), „Извор на мирот“ (2019 година) и „Пролетен штит“ (2020).
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои се наоѓаат и деца и жени. ЈПГ е нејзин сириски огранок.