Mustafa Deveci
30 Септември 2022•Ажурирај: 02 Октомври 2022
КУПЈАНСК (АА)
– Мустафа ДЕВЕЏИ
Украинската војска пред десет дена го ослободи центарот на Купјанск, град во областа Харков кој неколку месеци беше под контрола на руските сили, а сега жителите се борат да преживеат во сенка на артилериските напади и судирите на периферијата, пишува Агенција Анадолија (АА).
Повеќето од жителите на Купјанск се евакуирани поради војната, а оние што не сакаат да ги напуштат своите домови, се обидуваат да го продолжат својот живот без основните потрепштини за живот.

Руските сили се повлекоа од центарот на Купјанск и формираа фронт источно од реката Оскил во близина на градот. Судирите меѓу двете страни продолжуваат на периферијата на Купјанск. Застрашувачките звуци од артилеријата и ракетната стрелба одекнуваат низ улиците на Крупјанск.
Украинската војска им помага на мештаните кои сакаат да се евакуираат од градот, кој во голема мера е уништен во војната.
– Евакуација на цивилите
Дима Назарчук, волонтер на украинската хуманитарна организација „Луѓето се повредни од златото“, за АА рече дека од почетокот на војната евакуирал луѓе од конфликтните подрачја, вклучувајќи го и Мариупољ.
„И овде дојдовме за евакуација на цивилите. Има уште цивили на спротивната страна, источно од центарот. Ги пронаоѓаме во засолништата и ги евакуираме“, рече Назарчук и додаде дека има и такви кои не сакаат да го напуштат градот.

Во Купјанск нема струја, вода, ниту гас, па мештаните ја готват храната на оган во своите дворови. Водата за пиење и други потреби носат во канти од блиските бунари.
Некои од жителите собираат дождовница од покривите и ја користат за миење садови и други потреби.
Неколку хуманитарни организации секојдневно делат храна на жителите на Купјанск, кои на хуманитарните пунктови прават долги редици за да добијат оброк.

Валентина Кравченко (69), жителка на Купјанск и една од домаќинките кои готват на оган во својот двор, за АА рече дека храната и намирниците ги добива главно од хуманитарците. Се пожали на недостиг на леб, кој го добива секој трет ден.
„Не сакам да бидам евакуирана од градот. Каде да одиме? Затоа седиме овде. Сѐ зависи од Божјата моќ“, рече таа.
– Трагите на војната
Артиом (41) е уште еден жител кој одбива да го напушти Купјанск, а за АА рече дека најтешко било во периодот на судирите во центарот на градот, кога со своето семејство поминал три дена во скривница.
„Трагите на војната се видливи на секој чекор. Пред три дена овде падна проектил и ги уништи прозорците. Луѓето спиеја овде во скривницата, и тоа на столови и канти. Тука дојдовме вечерта и останавме до утрото“, рече тој.

Велејќи дека се плашат од продолжувањето на судирите околу Купјанск, Артиом рече дека не е можно да се нема страв од звуците на ракетирањата.
„Сакаме само да дојде мир и сѐ ќе биде во ред“, рече Артиом.